Директорот на Клиничкиот болнички центар во Сплит проф. д-р Јулије Мештровиќ поднесе оставка откако дозна за уште еден случај на замена на идентитетот на пациентите. Првиот познат случај се случил на 2 мај, кога во Клиничката болница во Сплит била задржана здрава корисничка на Сплитскиот дом за стари лица во улицата Вуковарска, додека старица позитивна на коронавирус била вратена во домот.
За среќа не дошло до посериозни последици затоа што конфузијата била откриена пред контакт со други корисници на домот. Случајот за кој директорот на КБЦ Сплит поднел оставка до министерот за здравство Вили Берош, започнал на 10-11 април.
Во тие денови во Клиничкиот болнички центар во Сплит, во речиси исто време биле примени две стари жени од различни старски домови и, колку што е познато, тогаш дошло до замена на нивните идентитети.
И двете жени биле во таква здравствена состојба што имале потешкотии во комуникацијата со вработените во болницата, така што не се одзивале на своето име.
Нивните дијагнози биле правилно спроведени, но цело време под погрешно име.
Една од двете пациентки починала, а бидејќи немала блиско семејство, била погребана во присуство на нејзиниот внук, адвокат од Загреб.
Поради епидемијата на коронавирус, ковчегот не бил отворен пред погребот, па погребувањето поминало навидум сосема нормално.
Она што навистина се случило е откриено подоцна, кога здравствените работници сакале да ја вратат другата старица во старскиот дом во кој престојувала.
Работниците во домот веднаш забележале дека станува збор за друго лице, а не за нивната штитеничка.
Штом дознал што се случило, Мештровиќ го повикал министерот Берос, си дал оставка и веднаш започнала внатрешна истрага за случајот.
Потоа, тој го посетил семејството на старицата која всушност починала и лично им кажал што се случило.
Иако Мештровиќ поднесе оставка лично до министерот, тој мора да биде разрешен од Управниот одбор на КБЦ Сплит.