Ресенчанецот А.Е.(47), кој пред повеќе од еден месец почина од Ковид 19 во притвор во затворот „Шутка“ требало да биде ослободен откако се спогодил со обвинителството и признал вина за измамата на четири странски фирми со јаболки, тешка 70.000 долари, објави „Телма“.
Според информациите на Телма, починатиот преку својата одбрана учествувал во договарањето и неколку дена после смртта требало да биде пуштен од притвор. Во притвор и меѓу осомничените беше и синот на починатиот.
Битолското обвинителство ја прифатило спогодбата и за двајца осомничени меѓу кои и синот на починатиот притвореник предложило условни казни затвор во траење од две години, кои нема да се извршат ако обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело. Првообвинетиот е осуден по спогодбата на 20 месеци затвор.
Осомничените преку Фејсбук објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените. Парите ги добивале, но стоката ресенско јаболко не била испратена на странските пазари. Обвинетите доброволно ја надоместиле штетата од 49.170 американски долари и 17.466 евра на компании од Русија, Бих, Словенија и Унгарија.