Изборната комисија на Нов Зеланд ги претстави санитарните мерки со цел во септември, и покрај пандемијата на коронавирус, да се одржат парламентарни избори.
Премиерката Џасинда Ардерн ги закажа изборите за 19 септември уште на крајот на јануари, кога ковид-19 сè уште не прерасна во пандемија и оттогаш не престана да повторува дека не сака изборите да бидат одложени.
Бидејќи земјата постепено излегува од изолацијата воспоставена пред седум недели, изборната комисија потврди дека разговарала со здравствените власти за модалитетите за организирање на парламентарни избори.
„Годинешните избори поради ’ковид-18’ ќе бидат различни, ќе бидат преземени мерки за да се гарантира здравјето на луѓето“, соопшти комисијата.
Ќе се почитува физичкото растојание, ќе бидат достапни средства за дезинфекција и заштитна опрема на избирачките места за персоналот и за набљудувачите на изборите, а постарите граѓани или лицата со здравствени проблеми ќе можат да гласаат порано или по дописен пат.
Овие препораки не се однесуваат на изборните кампањи, како што се политички митинзи или посети на гласачи од врата до врата.
Сепак, премиерката Ардерн посочува дека нејзиниот јасен приоритет е борбата против коронавирусот.
Анкетите на јавното мислење спроведени пред пандемијата покажаа дека Лабуристичката партија на премиерката Ардерн заостанува зад Националната партија (централно-десно), но оттогаш премиерката презеде голем број мерки за борба против новиот коронавирус.
Со изборите ќе се одржат два референдума, едниот за легализација на марихуаната и другиот за евтаназија.