Колку и да ви се чини чистењето калинка проблематично, со малку труд ќе се исплати бидејќи постојат бројни причини поради кои морате да ја консумирате оваа есен.
Се верува дека кралицата Изабела прва, откако во 1492 година ја освоила Гранада, стоела со калинка во рака и објавила: „Баш како и калинкава, ќе ја освојам Андалузија зрно по зрно“. Но таа не била единствената која ги користела моќите на калинката, бидејќи кралот Хенри IV, кој во Франција ги вратил благосостојбата и мирот, ја користел калинката како хералдски брош.
Постои причина зошто калинката била толку ценета во минатото. Опишана како „најлековито“ овошје на светот, овие мали но моќни топченца полни се со антиоксиданси кои ги ублажуваат воспалителните процеси и задебелувањето на артериите. Со други зборови, калинката му помага на вашето срце да остане здраво, а се појавуваат и докази дека може да помогне во борбата против ракот. Иако студиите сè уште се мали и потребни се уште истражувања, засега се тврди дека калинката го намалува протокот на крв кон туморите, што ги спречува клетките на ракот да се хранат. Исто така се истражува можноста калинката да го спречува растот на простатата како и ракот на бели дробови, дојка и дебело црево.
Исто така калинката содржи елагинска киселина, односно моќен антиоксиданс, кој го стимулира производството на колаген. Накратко, повеќе колаген значи помалку брчки на вашата кожа.