Германскиот Уставен суд минатата недела донесе пресуда дека централната банка на еврозоната (ЕЦБ) го пречекорила мандатот кога купила на државен долг во рамките на програмата за квантитативно олеснување (QE) и се закани дека ќе ги блокира новите купувања германски обврзници од страна на банката.
Унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос верува дека институционалната пресметка во ЕУ може да ѝ стави крај на унијата како што ја знаеме.
„Особено сум загрижен за опстанокот на ЕУ затоа што е нецелосна унија“, рече Сорос во интервју за „Индипендент“.
Тој додаде дека процесот на создавање на ЕУ никогаш не бил завршен, а тоа ја прави Европа исклучително ранлива – поранлива од САД не само затоа што е нецелосна унија туку и затоа што се заснова на владеењето на правото.
Сорос изрази сериозна загриженост поради Уставниот суд на Германија, кој минатата недела ја оспори Програмата за масовно кушување долгови на ЕЦБ и ѝ даде на банката тримесечен ултиматум за да ја оправда пропорционалноста на своите набавки на обврзници или да ризикува да ја изгуби Бундесбанк како учесник.
Како одговор на тоа, Европската комисија се закани дека ќе ја тужи Германија иако официјалните претставници на ЕУ во понеделникот соопштија дека непосредното правно дејствие против Берлин е малку веројатно.
„Пресудата претставува закана што може да ја уништи ЕУ како институција заснована врз владеењето на правото токму затоа што ја донесе германскиот Уставен суд, кој е најпочитуваната институција во Германија“, предупреди Сорос.
Тој рече дека епизодата може да постави преседан за другите земји-членки на ЕУ, како Полска и Унгарија (кои веќе се судрија со Брисел околу нивното владеење на правото) за да се доведе во прашање законитоста на одлуките на Европскиот суд на правдата.
„Ако пресудата на германскиот суд спречи ЕУ да се спротивстави на овие случувања, тоа ќе биде крај на ЕУ каква што ја знаеме“, заклучи тој.