Општина Центар, постапувајќи во повторна постапка, го поништи одобрението за градење на шпанските скали на инвеститорот ДТПУ „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ Скопје, кои требаа да се градат на плоштадот Македонија.
„Во донесеното решение е наведено дека инвеститорот не пријавил почнување со градба во согласност со член 67 од Законот за градењето ниту, пак, почнал со градба во рок подолг од две години од правосилноста на одобрението во согласност со член 66 став 1 од Законот за градењето, според кој одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно“, соопштија од Општината.
Првично, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на 9.2.2018 година донесе решение со кое се огласува за ништовно одобрението за градење на објектот, на кое инвеститорот поднесе жалба до второстепениот орган, а подоцна поведе и управен спор пред Управниот суд на Република Северна Македонија.