Заштита на човечките животи и јавното здравје во услови на пандемија –ефективно управување со здравствена криза со целосно почитување на човековите права и принципите на демократијата и владеењето на правото, ќе биде централната тема на шестмесечното грчко претседателство со Советот на Европа од 15 мај до 18 ноември 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис на денешната онлајн прес – конференција ги презентираше приоритетите на претседателството, но и воведувањето на „E-Chairmanship”, односно состаноците и активностите ќе се одвиваат преку видеоконференции, барем до септември, поради ситуацијата со Ковид-19.
Во рамките на грчкото претседателство, планирано е на есен да се одржат министерски самити за правда и за образование. Првиот, посветен на независното судство и владеењето на правото, со учество на министрите за правда.
Создавање „Мониторинг за проучување на историјата” во рамките на Советот на Европа ќе биде една од темите за кои ќе дискутираат министрите за образование на втората конференција, исто така планирана за на есен.
-За нас е особено важно, особено во соседството во кое што живееме, кое што произведува повеќе историја отколку што може да консумира, како што карактеристично велат некои аналитичари, да постои орган за мониторинг за проучувањето на историјата во наставата. Такво нешто би ни помогнало во прашањата што ги имаме со соседите, во решавањето на билатералните теми, рече Варвициотис.
Централниот настан на претседателството ќе биде 70-годишнината од потпишувањето на Европската конвенција за човекови права и на 4 ноември 2020 година планирано е во Атина да се одржи 130-от министерски самит.
Иако првично било планирано грчкото претседателство да се задржи на други теми, како што објасни Варвициотис, на 9 март во Стразбур веќе ги презентирал приоритетите за кои Грција се подготвувала од минатата есен, сепак, пандемијата наложила, во изминатите два месеци целосно да се променат темите.
Освен централната тема, за време на шестмесечното претседателство ќе стане збор и за младите и новите генерации, децата и децата бегалци без придружба, заштитата на културното наследство од климатските промени, насилството врз жените итн.