Сè уште не е јасно дали и кога сезоната во Серија „А” ќе продолжи, но веќе се разгледува под какви услови ќе биде запрено повторно, ако воопшто има враќање на играта.
– Без сомнение, ако некој даде позитивен тест на КОВИД-19 во некој од клубовите, сè ќе запре. Карантинот во тимот ќе стане автоматски и целата сезона ќе биде прекината. Да го сакаш фудбалот значи грижа за луѓето кои работат во него. Единствената причина да се зборува за продолжување на Серија „А” е нејзиното економско влијание, рече Сандра Зампа од италијанското Министерство за здравство.
Во меѓувреме, таа вели дека уште помалку е веројатно да се заврши сезоната во Серија Б, бидејќи екипите таму не се финансиски стабилни како оние во елитата да го следат опсежниот протокол за одржување натпревари.
– Одлуката зависи од министерот за спорт, Винченцо Спадафора. Колку што знам, тој самиот си даде уште една недела да процени не само во Серија Б, туку и во други тимски спортови, додаде Зампа.