Фокус: Истрага против Дончев, за консултантски услуги примал пари од Австралија преку компанија од Муртино

По барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, пишува во новиот број на неделникот „Фокус”.

Иако во тоа време веќе вршел јавна функција, сепак Дончев смета дека средствата што ги добил за консултантски услуги се целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.

Сепак тој како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ.

Според потврдени сознанија на весникот, Управата за финансиско разузнавање го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, заменик на Вилма Рускоска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил околу 50 илјади евра од приватната компанија „Ремаркет“.

Притоа, УФР утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Проверките во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што потекнува и Дончев.

До лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма.
Во одговорите доставени до „Фокус“, од компанијата велат дека трансакциите од австралиската кон македонската компанија се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Така, финансиските извештаи што ги извади „Фокус“, пак, покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени.

Поточно, македонската компанија „Мегантик“, неодамна преименувана „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.

За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу милион денари. Па, ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

Патем, и од компанијата и Дончев потврдуваат дека на оваа релација биле реализирани трансакции во вредност од 3 милиони денари по основ на плати. Како што велат од „Мегантик“/„Ремаркет“, Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50 илјади евра преку македонската компанија, од проста причина што тој во тоа време бил во Македонија.

Според Член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Згора на тоа, ставот 6 од овој член предвидува дека „Службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост…, но никаде не се споменати консултантските услуги.

Врз основа на податоците Антикорупциската комисија најавува дека ќе отвори постапка. Ако нивните проверки ги потврдат информациите, антикорупционерите ќе отворат предмет за веродостојноста на анкетниот лист, со оглед дека тие не се пријавени во имотното досие, и покрај тоа што претставуваат приход надвор од основната плата. Откако ќе заврши оваа постапка со евентуална прекршочна санкција, тогаш од таму не исклучуваат и поведување на постапка за испитување на имотна состојба, во која вообичаено се вклучува и Управата за финансиска полиција. Додека антикорупционерите веќе најавуваат соодветна постапка за вршење на забранета дејност и непријавување на приходи, од обвинителството се уште не повикале ниту едно од споменатите лица да дадат исказ во однос на трансакциите нотирани од финансиското разузнавање.

Дончев тврди дека не знаел за ваквите проверки, без оглед што досега бил двапати повикан да даде исказ во обвинителството во врска со обвинувањата од поранешната сопственичка на „Диамед“.

Треба да знаете
Последни објави