Албанскиот претседател Илир Мета, до Уставниот суд достави барање за испитување на уставноста на одлуката на Владата со која Националниот театар преминува во сопственост на општина Тирана, која пак веќе подготвила одлука за негово уривање.
По доставувањето на барањето Мета за новинарите изјави дека одлуката на владата е антиуставна и оти е закана за богаството и јавниот имот.
Тој смета дека Владата и општина Тирана ги преминале сите граници и надлежности со донесувањето на овие одлуки за тетарот.
-Општина Тирана не може да поседува, па дури и да се произнесува за прашања што ги надминуваат границите на надлежностите што и припаѓаат според законот. Надлежноста на општината Тирана да одлучува за Народниот театар е ограничена. Ваков имот мора да остане во сопственост на Република Албанија. Пренесувањето на сопственоста на објектите на Националниот театар во сопственост на општина Тирана со однапред одредена цел дека ќе бидат урнати е директна закана на уставните начела, изјави Мета.
Уривањето на Националниот театар, е прашање за кое повеќе од две години граѓани, активисти и уметници „војуваат” со владата,подржани од опозицијата, а по најавата дека Советот на општина Тирана ќе донесе одлука за реалзиација на таа замисла веќе околу тетарот се собираат актери и граѓани за да го спречат тоа,онака како што тоа го сторија во неколку наврати минатата година. Тие обвинуваат дека Рама на оваа атрактивна локација на свои приврзаници ќе им дозволи градба на повеќекатници.
Целиот комплекс „Национален театар” опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен театарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично
Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола. Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство.
Проектант на новиот театар е данскиот архитект Бјарк Ингелс,кој е основач и креативен партнер на меѓународно реномираната фирма Bjarke Ingels Group (BIG). Театарот се планира да се гради на парцела од 86.000 квадратни метри во центарот на Тирана, односно на плоштадот Скендербег на кој веќе веќе се наоѓаат Националната опера и Националната уметничка галерија.
Инаку, Законот за уривање на Националниот тетар,без присуство на опозицијата го донесе албанскиот Парламент во септемри 2018 година ,со ветување од Владата дека ќе
изгради нов посовремен објект.По масовните протести и несогласувања Владата не успеа да го реализира неговото уривање. Деновиве таа го пренесе во сопстевност на општина Тирана,чиј совет на утрешната онлајн седница треба да ја донесе судбоносната одлука за овој објект.
Во изјава за албанската телевизија Ора њуз,поранешниот министер за култура Или Панго рече дека постоечкиот законот за заштита на спомениците од културата се базира на европските закони и тој не дозволува уривање на еден ваков значаен објект.