Перо Антиќ ќе имаше уште поуспешна кариера, само да беше така упорен, ангажиран и фокусиран на паркетот како што беше изминативе 40-тина дена во битката за остварување на сопствената и желбата на коалициските партнери да го остави МЗТ Скопје без валидација на трудот и резултатите остварени на паркетот во периодот од август 2019 до средината на март 2020 година, се вели во денешното соопштение на МЗТ Скопје, а по повод прекинувањето на сезоната во првата лига.
– Одлуката за поништување на сезоната без да се прогласи шампион не нѐ изненади, знаејќи под какви притисоци и закани беа прво клубовите, а потоа и членовите на Управниот одбор, кои мораа по неколку пати да се изјаснуваат само за да го изгласаат тоа што го посакуваше Антиќ со своите „партнери”. Одборниците беа ставени пред свршен чин, да гласаат само за еден предлог, наметнат со претходно сомнително гласање на кое беше прогласена победа со само 40% од гласовите на присутните, а меѓу кои имаше и луѓе кои немаат било каква формална конекција со клубовите кои ги претставуваа. На членовите на УО им благодариме на првичната поддршка со 13 од 16 можни гласа и за реалното размислување, кога од нив беше барано слободно да дадат мислење, а не само да гласаат за наметнато решение. Само се надеваме дека и тие сфатија со кого соработуваат, поради што очекуваме во најбрзо време и нивни оставки како морален чин поради деспотскиот однос на првиот меѓу еднаквите во нивното друштво, велат од клубот од Аеродром.
За МЗТ Скопје Аеродром, продолжува соопштението, борбата против Антиќ не завршува со оваа негова одлука.
– Нашето барање за вреднување на тоа што се случуваше на паркетот, во ситуација кога не по наша вина дојде до една ваква уникатна ситуација и прекин, ќе го пренасочиме кон судските инстанци. Ќе побараме надлежните органи да ја прочешлаат работата на КФМ, да се види дали имало злоупотреба на должноста, дозвола за гласање на невалидни лица и многу други небулози и сомнителни работи за кои знаеме или сме слушнале. Ако треба, во договор со нашиот адвокатски тим, ќе поднесеме и кривични пријави, со цел правдината да излезе на виделина, особено во делот како пласманот во Првата лига е поништен, а пласманот во Втората лига е валиден, што само по себе е небулозно и правно неиздржано, сметаат од МЗТ.
Тие ќе побараат да им се вратат сите пари кои ги платиле на сметката на КФМ за сезоната 2019/20, која, според одлуката на Куќата на кошарката, како и да не се одиграла.
Тоа се однесува на котизација, казните, парите за лиценци на странските кошаркари и сите останати давачки.
– Ако нешто не постоело, тогаш не гледаме зошто би плаќале за тоа. Истовремено, ги охрабруваме сите останати клубови да ни се приклучат кон ова барање, бидејќи и тие се оштетени со поништувањето, кое им го брише целиот вложен труд и остварени успеси и победи, без разлика на пласманот на табелата. Од денеска, Перо Антиќ и неговите соработници повеќе не постојат за МЗТ Скопје Аеродром. Тие дојдоа на власт со мотото „спортот на спортистите”, но сѐ што направија досега е заштита на сопствените и на интересите на малата група која е собрана околу нив, а со која ги врзуваат не само спортски конекции. Ова е само загубена битка, но – војната продолжува, во која „противникот” има повеќе да загуби, бидејќи ние сме тие што создаваме играчи, а КФМ е само организатор на првенства со наши пари. И ќе војуваме сѐ додека КФМ и нејзиниот претседател не престане да биде за едни мајка, а за други маќеа. Сѐ додека Антиќ и другарите не почнат да работат во интерес на сите, а не само за своето бизнис-лоби. Сѐ додека не победи кошарката, велат уште од тимот.