Јавното обвинителство на Русковска се однесува како да е во директна спрега со Ден Дончев, кој нелегално се стекнал со сума од над три милиони денари. ЈО чека медиумите првин да обелоденат, па да покрене истрага за предмети за кои има информации и докази, обвини Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа прашува зошто и кој го штити Дончев?
„ЈО вчера потврди дека се води истрага за Дончев кој лани, пред речиси една година се стекнал со незаконски приходи од над 3 милиони денари, т.е. над 50 илјади евра. Што чекаше ЈО една година и зошто не отвораше истрага против Дончев!? Ден Дончев лани во тек на шест месечен период примил над 50 илјади евра од страна на муртинската фирма Ремаркет, за консултантски услуги кои ги давал истовремено додека бил директор на ФЗОМ, што е спротивно на закон. Дончев директно го прекршил чл. 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и земал пари од дејност која не смеел да ја извршува во исто време додека директорувал со ФЗОМ“, кажа Стојаноска.
ЈО, додаде таа, треба во најбрз можен рок да реагира и да отвори постапка како за незаконските приходи на Дончев, така и за другите криминали во кои е замешан.