Напаѓачот на анлискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, Мохамед Салах, отфрлил понуда од Реал Мадрид, откри поранешниот помошник тренер на египетската репрезентација Хани Рамзи. Ова се случи во 2018 година, непосредно пред финалето меѓу двете екипи во Лигата на шампионите кое ги освоија „белите” со 3:1.
– Јас бев асистент на Хектор Купер и се сеќавам дека имавме камп во Швајцарија. Разговарав со Салах и тој ми рече дека добил многу добра понуда од Реал. Мохамед разговараше за понудата со мене и Купер, а потоа реши да остане во Ливерпул бидејќи тој беше среќен во тимот, изјави Рамзи за „ОнТајм Спортс”
За време на кампот, Рамзи сè уште не беше официјално назначен за помошник тренер во штабот на „фараоните”, но тој беше со тимот.
Понудата од Реал дојде неколку месеци пред „кралскиот” клуб да се соочи со Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите во Киев. Натпреварот во украинската престолнина беше запаметен по грешките на голманот на тимот од Мерсисајд – Лорис Кариус и повредата на Салах.
Египќанецот го повреди рамото по судирот со Серхио Рамос и беше принуден да го напушти теренот пред паузата.