Тимоние: Скопје и Софија да продолжат со изнаоѓање заеднички прифатливи решенија, научно засновани и во европски дух

Позитивната динамика којашто се воспостави со чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство впо 2017-та и која продолжи со Договорот од Преспа, овозможи да се дојде до едногласната одлука на земјите – членки за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата. Тој позитивен дух мора да го зачуваат двете страни, особено во рамките на активностите на експертските комисии кои дадоа одредени охрабрувачки резултати, вели во интервју за МИА амбасадорот на Франција во земјава Кристиан Тимоние.

– Треба да се продолжи со изнаоѓањето заеднички прифатливи решенија, засновани врз научни истражувања и во духот на меѓусебното разбирање. Европскиот дух и ветувањето за споделени вредности овозможи прием на земји-членки во минатото и ќе овозможи интеграција на нови членки во иднина. Двете нации се согласуваат дека имаат заеднички историски и културни корени, за што сведочи и убавата иницијатива секоја година заеднички, на највисоко политичко ниво во Рим, да се чествуваат светите Кирил и Методиј. Европа има потреба, особено кога станува збор за Балканот, да го негува духот на комуникација преку почитување на другата страна. Потребно е да се смират духовите во интерес на секоја од двете држави и двата народа, но и во интерес на Европа, која мора да одговори на новите предизвици, коишто и се закануваат на нејзиниот опстанок, како и на нејзините вредности и нејзиниот просперитет, вели Тимоние коментирајќи ги оценките во јавноста за можно ново вето од Софија на евоинтегративниот пат на нашата земја.

Франција, вели Тимоние, не ги потценува прашањата наследени од минатото и во ноември 2019 година за време на нејзиното претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, предложи да се основа опсерваторија за настава по историја во Европа, за да може историјата да се вреднува како заедничко наследство на помирениот европски континент.

– Франција го финансираше почетокот на овој проект кој треба да се заснова на неутрален и објективен пристап, преку разбирање на различните претстави на историјата и фактот дека не треба да се дозволи стереотипите или манипулациите да им се спротивстават на општите аспирации на европските народи заеднички да испишат ново историско поглавје, подвлекува амбасадорот Тимоние.

Тој е дециден дека реализација на членството во ЕУ како стратешко прашање не може да се постигне без забележителен напредок во областа на владеењето на правото, како и во поглед на економско и социјално приближување што бара удвојување на напорите на политичките раководства во регионот.

– Таквите активности бараат двојно поголеми политички напори од страна на државите во регионот и постепено решавање на споровите што не смееме да ги внесеме во Унијата. Здравствената криза исто така мора да нè поттикне да размислуваме за нашата безбедност, вклучително и за здравјето, што е можно пошироко : тоа е поттик за сите нас да го забрзаме темпото на промени за да останеме на висината на нашата историја, Франција се надева дека Северна Македонија, заедно со други европски земји, ќе може да се приклучи кон француско-германската иницијатива за меѓународна потрага по вакцина која би била јавно добро ставено на располагање на сите народи. Таквиот европски дух мора да надвладее, преку конкретни достигнувања, вели францускиот дипломат запрашан за можното влијание на пандемијата врз процесот на проширување.

Во врска со рамката за преговорите, веруваме, вели тој, дека Комисијата ќе ги усогласи ставовите и ќе најде заеднички јазик, во согласност со европскиот интерес.

– Се надеваме дека на крајот ќе надвладее јачината на европскиот дух, со оглед на важноста на прашањата и заедничкиот интерес за успешно започнување на преговорите, врз основа на новата методологија која ја промовиравме со други земји-членки. Добрата волја што беше искажана при потпишувањето на Договорот во 2017 година, го прави овој текст цврста основа за напредок кон надминување на разликите што може да се појават меѓу двете страни, оценува францускиот амбасадор.

 

 

Треба да знаете
Последни објави