Клучот на секој општествен развој лежи во решителноста и капацитетот да се создаде доверба меѓу граѓаните и државните институции, а за да се одржат општествена стабилност и кохезија граѓаните мора да имаат чувство дека властите се грижат и се заземаат за нив, вели во интервју за „Јуропеан Вестерн Балкан”, Јорн Јелстад, амбасадор на Норвешка во Северна Македонија со седиште во Белград.
– Во таа смисла независните институции, инклузивните парламентарни процедури, слободата на медиумите, борбата против корупцијата, еднаквоста, иновациите и заштитата на животната средина се основа за изградба на таа доверба, наведува Јелстад, кој покрај во земјава е амбасадор на Норвешка и во Србија и во Црна Гора.
Тој смета дека Северна Македонија, Србија и Црна Гора мораат да работат на целосно прилагодување кон принципите и стандардите на ЕУ, за што имаат целосна поддршка од страна на Норвешка.
– Среќен сум што гледам дека постои декларирана политичка волја во овие земји за усогласување со овие вредности и принципи. Лично би сакал да видам забрзување на тој процес и поголема фокусираност на него во однос на тоа што го гледавме порано, додава норвешкиот амбасадор.
Јелстад посочува дека приоритет на Амбасадата на Норвешка е соработка со цивилното општество во трите земји, потенцирајќи дека граѓанскиот сектор е важен за секоја држава.
– Норвешка има долга традиција на давање приоритет на граѓанскиот сектор, со цел да го направи силен и влијателен. Секоја норвешка Влада, без оглед на партискиот состав, го третира граѓанскиот сектор како стратешки партнер во зајакнувањето на демократските вредности и просперитетот. Без активно учество на граѓанскиот сектор и организации, ќе биде тешко да се постигне неопходниот консензус и доверба за рационално и инклузивно управување. Граѓанското општество треба да се охрабри да застапува ставови што ја информираат и обликуваат јавната расправа. Затоа, треба да се развие меѓусебно почитување и професионално вмрежување помеѓу граѓанскиот сектор и властите, со јасна дефиниција на улогите и транспарентните односи. Во однос на ефективното вклучување во процесот на демократизација и европската интеграција во овие три земји, моето досегашно искуство е дека граѓанскиот сектор дава најзначаен придонес, вели Јелстад.
Токму затоа, според него, Норвешка преку Балканскиот демократски фонд (БТД) активно поддржува широк спектар на проекти спроведени од граѓанските организации во сите три земји.
– Овие проекти се посебно дизајнирани да ја прошират демократизацијата, да ја зголемат транспарентноста и да го подобрат квалитетот на животот во локалните заедници, нагласува Јеслтад во интервјуто.