(Видео) Високите температури ги наполнија плажите во Грција

Речиси двомесечниот карантин, со забраната за движење на граѓаните, во комбинација со рекордно високите температури и топлото време, ги наполнија  плажите во Грција, кои наликуваат како да е средина на август, а не средина на мај, јави дописничката на МИА од Атина.

Од рано утрово, на голем дел од организираните плажи во Атина, има редици за влез, додека пак до пладне некои беа веќе преполни.

Во текот на вчерашниот, прв ден од отворањето целосно се почитуваат сите правила и прописи, како од сопствениците и менаџерите на плажите, така и од посетителите, а тоа, вчера го констатираа и министерот и заменик-министерот за развој на Грција при нивната посета на една од плажите во близина на Атина.

Адонис Георгиадис и Никос Папатанасис рекоа дека „се е под конец” и им се заблагодарија на граѓаните за дисциплината и придржувањето кон мерките.

И додека на организираните плажи, иако исполнети до последна лежалка, се почитуваа правилата, на слободните градски плажи, кои што се бесплатни имаше турканици, а во одредени случаи, не се одржуваше потребното растојание.

https://youtu.be/28qyYIq9QkU

Турканици, според фотографиите објавени на социјалните мрежи, вчера имаше и во јавниот превоз во Атина.

Иако е задолжително носењето на маска, во спротивно следува казна од 150 евра, и автобусите треба да возат со 50 отсто од капацитетот, според фотографијата споделена на „Твитер”, а објавена и од грчките медиуми, овие правила не се почитувале во автобусот што сообраќа до плажите во Атина.

Несвојствено високи температури во Грција беа измерени и во текот на вчерашниот ден, но и утрово, според Националната опсерваторија во Атина.

Највисоката температура, вчера беше измерена во градот Ираклио на островот Крит- 41.8 степени Целзиусови, 40 на неколку места на Пелопонез и 39,3 во населба во северниот дел на Атина.

Слична е прогнозата и за денешниот ден од 39 до 41 степен во повеќе делови на земјата, додека пак речиси на сите плажи, според истите прогнози, условите во морето се идеални за капење.

Треба да знаете
Последни објави