Авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“ потврди дека двајца пилоти од летот Франкфурт – Загреб на 2 мај се позитивни на коронавирус. Освен нив, уште 14 патници се заболени, а во авионот имало 115 лица.
Другите членови на екипажот се негативни.
„Двајца пилоти од летот Франкфурт – Загреб на 2 мај годинава се позитивни на коронавирус, додека сите други членови на екипажот кои биле во директен контакт со патниците се негативни. Присуството на коронавирус кај членовите на екипажот на летот не може да се поврзе со патниците кои пристигнале на истиот лет и за кои е утврдено дека се позитивни на Ковид-19. Имено, пилотите на авионите седат во кабина која е физички одвоена од патничкиот простор на авионот и за време, пред или по летот не се и не можат да бидат во близок контакт со патниците“, соопштија од компанијата.
Покрај тоа, додаваат од таму, сите позитивни патници од споменатиот лет биле работници кои се враќале од Шведска, и двајца патници, брачна двојка која пристигнала од Шпанија.
„Според досега достапните податоци, никој од другите патници и членовите на екипажот не е заразен, така што не е можно да се најде заедничка врска помеѓу пилотот и патниците и поради тоа непотребно е како причина за ширење на заразата да се наведува распоредот на седење и пополнетоста на авионот“, соопштија од „Кроација ерлајнс“.