Во Шпанија во последните 24 часа се регистрирани 87 смртни случаи од коронавирус, првпат помалку од 100 на дневно ниво како што беше во изминатите два месеца, а еден ден пред да бидат продолжени ублажените мерки за карантин што нема да се применат во Мадрид и Барселона.
„Првпат по долго време, имаме помалку од 100 смртни случаи, што е добра вест“, рече директорот за итни служби Фернандо Симон. На врвот на епидемијата на почетокот на април, за еден ден починаа 950 пациенти.
Шпанија е една од најпогодените земји во светот со вкупно 27.650 смртни случаи, според Министерството за здравство. Потврдени се повеќе од 231.000 случаи на Ковид-19.
Симон рече дека Шпанија, во која на сила се едни од најстрогите ограничувања во светот, е многу блиску до запирање на преносот на заразата благодарение на напорите на населението, но предупреди дека сè уште постои голема опасност од втор бран.