Стиховите „Чукни во дрво, вистина е, надвор е пролет, живи сме” е метафорична порака со која сакаме да изразиме поддршка и благодарност до нашите колеги доктори кои во моментот се во првите борбени редови против коронавирусот. Вака гласаа зборовите на младите гевгелиски стоматолози Александар Петковски и Томе Каркалашев кои со гитарите во раце и добро скоцкана листа од исклучиво македонска музика во текот на саботниот полициски час им приредија едночасовно уживање на гевгеличани под отворено небо.
„Можеби ноќните излегувањата се уште не се дозволени, а не знаеме ни кога ќе се врати животот во нормала, но затоа знаеме дека гелгеличани уживаа на своите балкони. Се надеваме дека пораката која ја испративме до јавноста ќе биде прифатена од сите”, вели Александар.
„Караорман” е место од каде се гледа целиот град, а исто така е и местото од каде настапуваа тие двајца. Нивното дуо е познато како „ChillOut”. Поддршка можете вие да им дадете на нивниот инстаграм профил потпишан како: chill_out.official
„Преку пораката немаме цел да селектираме професии. Многу професии се исто така изложени на ризик од вирусот. Доставувачите на храна, вработените во маркетите, полицијата, војската, лицата ангажирани за оддржување хигиена, возачите и уште многу други. Сите заслужуваат огромен апауз”, вели Томе.
Настанот беше поддржан од градоначалникот на општина Гевгелија и кафулето „Пикасо” кој го пренесуваше настапот на социјалните мрежи.