Комплетирање на фудбалската сезона во прволигашката конкуренција во Македонија нема да има. Тоа е едногласниот став на прволигашите на денешниот состанок со раководството на ФФМ, одржан на отворено поради коронавирусот и неможноста повеќе луѓе да се собираат во затворен простор.
Дали воопшто ќе продолжи сезоната или ќе биде прогласен административен крај ќе биде познато идната недела за кога е најавена нова средба во ист состав. ФФМ дотогаш ќе треба да изработи протокол како би се завршила сезоната по скратен систем.
Во период кога нема јасен здравствен протокол како понатаму во земјава, денешниот состанок мина во консултации на раководството на федерацијата со клубовите кои ќе треба да се изјаснуваат дали се за доигрување или да се прекине сезоната.
Првата лига треба да заврши до 20 јули, а уште од поодамна е јасно дека не може да се одиграат преостанатите 13 првенствени кола како и мечевите од полуфиналето и финалето во Купот на Македонија.
Ако има продолжение на сезоната на клубовите ќе треба прво да им се обезбеди временски период од три недели за подготвки. Тоа би значело дека сезоната би продолжила најрано после 20 јуни и со скратен систем од разигрување.