Генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Адханом Гебреисус вети дека ќе покрене независна процена на одговорот на СЗО на пандемијата со Ковид-19 „во првиот соодветен момент” и вети транспарентност и одговорност на Организацијата.
– Секој од нас може да извлече поука од пандемијата. Секоја земја и секоја организација мора да го преиспита својот одговор и да извлече поуки од своето искуство. СЗO е посветена на транспарентноста, одговорноста и континуираното усовршување, посочи Гебреисус на денешниот состанок на СЗО, што се одржува преку видео врска.
Тој додаде дека ризикот од новиот коронавирус и понатаму е висок.
– Прелиминарните тестови во некои држави покажуваат дека најмногу 20 проценти од нивните жители биле заразени со вирусот, а во поголем број места биле помалку од 10 отсто, истакна Гебреисус.
Во текот на дводневниот состанок на СЗО се очекува министрите за здравство од целиот свет да подддржат независна процена на глобалниот одговор на СЗО на пандемијата со новиот коронавирус.
Исто така е предвидено да се разгледа предлог резолуцијата на Европска Унија која бара независна проценка на работата на СЗО, предводена од генералниот директор Тедрос Адханом Гебереисус. Нацрт-резолуцијата е поддржана од 116 од 194 земји-членки на СЗО.