Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти изјави дека документот што, со посредство на американскиот амбасадор во Берлин Ричард Гренел, го потпишаа Косово и Србија за обновување на воздухопловните врски меѓу двете земји, се уште не претставува официјален договор, јави дописникот на МИА од Приштина.
При денешната посета, заедно со министерот во оставка за инфраструктура, Љумир Абдиџику, на Авторитетот на цивилното воздухопловсство на Косово, Курти рече дека, „за да стане вистински договор”, тој документ „треба да помине низ многу други чекори”.
Меѓутоа, рече тој, поради пандемијата, и тоа прашање, како и многу други, останува замрзнато.
– Ние сме запознаени со финалната верзија, која мене ми беше претставена со задоцнување, значи тогаш кога преговорите и драфтирањето беа завршени. (…) Тоа не е договор, туку израз на волја. Треба да помине уште многу други чекори за да стане договор, меѓутоа се наоѓаме во услови на пандемија, поради што се замрзнаа низа активности и процеси, а се чини дека еден од нив е и овој, изјави Курти.
Премиерот во оставка порача дека „сите соработки кои ги склучува Косово, вклучително економската соработка, треба да бидат полезни и посотјни”.
– Можам да речам дека ние сме за што поголема регионална соработка, но оваа соработка треба да има две основни работи предвид: како прво, уставноста и законитоста и второ, економската рентабилност, изјави Курти.
Работни групи на надлежните институции на Косово и Србија на крајот на јануари годинава потпишаа во Берлин, со посредство на американскиот амбасадор во Германија и пратеник на претседателот Доналд Трамп за преговорите меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, писмо за намери за обновување на воздушните сообраќајни врски меѓу двете земји, кои беа прекинати по војната во 1999 година. Во февруари, исто така во Берлин и исто така со посредство на Гренел, беше потпишано и писмо за намери за обновување на железничкиот и патниот сообраќај.