Пратениците од српското опозициско движење Двери, Бошко Обрадовиќ и Иван Костиќ, го прекинаа штрајкот со глад по консултациите со лекарите и со партиските колеги.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Обрадовиќ обраќајќи се пред новинарите пред српското собрание, изјави дека со Костиќ решиле да го прекинат штрајкот на „достоинствен начин, како и што го започнале” и оти сметаат дека ја исполниле својата цел затоа што „укажале на недемократската состојба во Србија “.
Лидерот на Двери истакна дека испраќа јасна порака дека тој и Крстиќ направиле се што е во нивна моќ за да го привлечат вниманието на домашната и на светската јавност за проблемите во кои се наоѓа Србија, пред сè на недемократскиот карактер на власта.
-Без лична жртва, нема победа. Потребен е личен пример за граѓаните вистински да веруваат во она што го зборувате, истакна тој.
Обрадовиќ потсети дека мандатот како пратеник пред четири години го започнал со протест, кога четири дена беа пред седиштето на Републичката изборна комисија, заради обид за кражба, а сега штрајкуваат со глад бранејќи го Уставот, демократијата и некои основни демократски вредности во општеството.
Тој оцени дека тие вредности во Србија постојано се загрозувани во последните осум години.
Ова беше 11-ти ден на штрајкот со глад за Обрадовиќ, а деветти за Костиќ.
Коментирајќи ја одлуката на лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ за прекинување на штрајкот со глад и наводната изјава дека „го растурил системот”, српскиот претседател Александар Вучиќ му посака на Обрадовиќ и на другите од опозицијата кои се залагаат за бојкот на изборите „да продолжат толку успешно во тоа растурање”.
-Јас сум мал човек за да ги разбирам сите нивни победи. Им честитам на сите нивни победи, кажа Вучиќ, додавајќи дека „кој сака на избори-нека излезе, кој неќе-нека не излезе.