Туристичкиот период почнува на 15 јуни, датум кога може да се отворат сезонските хотели, а од 1 јули, постепено ќе започнат директните летови од странство до нашите туристички дестинации, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео пораката до јавноста во делот посветен на туризмот, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис го презентираше владиниот план за следните месеци за економијата, поддршката на работните места и туризмот, паралелно најави намалување на ДДВ-то.
-На нашите посетители ќе им се прават тестови по случаен избор и ќе се почитуваат нашите општи здравствени протоколи кои сепак, нема да го засенат, ниту нашето сјајно сонце, ниту природната убавина на Грција, рече Мицотакис.
Во однос на даночните олеснувања најави намалување од 24 на 13 отсто на ДДВ-то за секој вид на билети за превоз, бидејќи како што рече ја знае важноста „на поевтин превоз со автобус, брод или авион”.
Дополнително, намалување на ДДВ-то ќе има и за кафето и безалкохолните пијалаци, како и за билетите за летните кина.
По телевизиската порака на Мицотакис, министрите за финансии, развој и инвестиции, за труд и социјални работи и за туризам ќе ги презентираат сите аспекти на планот.