Дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска во интервју за „360 Степени“ зборуваше за дебатата за наградување на вработените во МВР за справување со корона-кризата.
„Одговорно тврдам дека во изминатиот период полицијата одигра клучна улога во справувањето со пандемијата и затоа лично сметам и ќе се заложувам за тоа дека припадниците на МВР треба да бидат наградени“, вели Петровска.
Запрашана зошто тоа не се случи со ребалансот, таа вели дека за кратењето не била консултирана во детали, но вели дека ја поздравува намерата на министерот Наќе Чулев за наградување на полицајците, но дека тоа требало да се направи пред усвојувањето на ребалансот.
„Прашањето на сите кои беа вклучени, а тука се и припадниците на АРМ, и на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, освен здравствените работници кои се први… ова е прашање кое веќе се дискутира и прашање е на време кога ќе биде реализирано. Апсолутно, сите во Владата но и пошироката јавност ќе застане зад тоа дека луѓето кои учествуваат во справувањето со Ковид-19 заслужуваат да бидат наградени“ вели Петровска.