О’Брајан: САД ќе воведат санкции за Кина доколку го примени законот за Хонгконг

Американската администрација веројатно ќе воведе санкции против Кина доколку Пекинг одлучи да го примени законот за национална безбедност, со кој ќе добие поголема контрола врз Хонгконг, предупреди советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Роберт О’Брајан.

Тој тврди дека предлог-законот претставува преземање на Хонгконг, наведувајќи дека последиците од неговата примена ќе бидат тоа што американскиот државен секретар Мајк Помпео веројатно нема да може да потврди дека градот го задржува „високото ниво” на автономија.

О’Брајан додаде дека во тој случај ќе бидат воведени санкции против Кина, согласно Законот за човекови права и демократија во Хонгконг од 2019 година.

Советникот на Трамп предупреди дека Хонгконг би можел да го загуби својот статус на голем центар на глобалните финансии.

– Тешко е да се гледа како Хонгконг ќе остане азиски финансиски центар доколку Кина го преземе, истакна О’Брајан.

Тој тврди дека финансиските услуги првично пристигнале во Хонгконг поради владеењето на правото, кое предвидува слободно претприемништво и капиталистички систем.

– Ако тоа исчезне, не сум сигурен како финансиската заедница ќе може да остане таму… Тие нема да останат во Хонгконг, за со нив да доминира Народна Република Кина и Комунистичката партија, додаде американскиот советник за национална безбедност.

Кина во петокот соопшти дека е „крајно неопходно” да се донесе законот за национална безбедност за Хонгконг.

Треба да знаете
Последни објави