Дел од италијанските медиуми објавија дека на границата со Словенија се случил инцидент, откако вооружени лица, најверојатно припадници на словенечката армијата, впериле автоматско оружје кон италијански државјанин, јави дописниот на МИА од Љубљана.
Инцидентот според медиумите се случил пред неколку денови на словенечката страна на границата во општината Козина-Хрпље, кога човек кој се движел пеш по шумата бил пресретнат од две вооружени лица и бил легнат на земја. Мажот кој е италијански државјанин за медиумите кажал дека вооружените лица биле всушност словенечки војници.
– Се исплашив. Не знаев што се случува. Мислев дека некоја „ будала” си игра војник. Ми нареди да клекнам и ми ја впери автоматска пушка директно во глава, изјави 32-годишниот маж за весникот „Приморски Дневник”.
Инцидентот доби и политичка димензија откако италијанската пратеничка Дебора Серачијани најави дека ќе побара од министерот за надворешни работи Луиџи ди Мајо да побара објаснување од словенечките колеги за инцидентот на границата, пренесе Словенечката информативна агенција (СТА).
Словенечките медиуми, пак, изминатиот период објавуваа дека полицијата евидентирала над 100 нелегални премини на границата меѓу двете европски држави. Некои политичари стравуваат дека овие рути можат да се користат и за шверц на мигранти.