Европската унија покажува единство во својот пристап кон олеснување на дијалогот меѓу Косово и Србија, и покрај контрадикторните изјави за опциите и компромисите кои страните може да ги прават. Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел изјави пред неколку дена дека можноста за територијална размена меѓу Косово и Србија, е работа за која двете страни треба да одлучат, додека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак ја отфрли таа можноста.
Од Европската комисија е соопштено дека ЕУ е единствена во однос на рамките и принципите кои треба да се следат во дијалогот и дека нема разлики во ставовите.
– Изјавите на високиот претставник Жосеп Борел и на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак се конзистентни и согласно нашите долгогодишни ставови, а да се тврди поинаку е погрешно толкување и всушност е неточно. Борел доследно го бранеше ставот дека Србија и Косово треба да ги решат сите отворени прашања без одложување – ова е приоритет за Европската унија и исто така треба да биде приоритет и за нив, изјави портпаролот на ЕК, Питер Стано.
Што се однесува до содржината на конечниот договор, според Стано, тој мора да биде согласно законите и вредностите на Европската унија, и согласно меѓународното право.
На поголемо учество во овој процес минатата недела предупредија министрите за надворешни работи на Германија и Франција, кои побараа итност во продолжување на дијалогот, споменувајќи ја можноста за организирање на втор самит (во формат на берлинскиот) во Париз.