Сменетиот боливиски министер за здравство Марсело Навахас (62) е уапсен бидејќи со истрага е утврдено дека купувал болнички респираторни машини трипати поскапи од вистинската цена.
На Навахас му е одреден тримесечен притвор.
Боливиската претседателка Жанин Ањес го смени Навахас во четвртокот по извештајот дека на една каталонска компанија и платил 4,7 милиони долари за 179 респиратори поради лекување на пациентите заболени од новиот коронавирус. Утврдено е дека машините биле трипати поскапи од вистинската цена.
Навахас ја извршуваше министерската функција само 45 дена, а неговиот адвокат тврди дека тој не е виновен.
Освен него, уапсен е и директорот на Министерството, Фернандо Валенцуела, кому е одреден шестмесечен притвор.
Интер-американската развојна банка, која ја финансирала набавката на респираторите соопшти дека започнала сопствена истрага за случајот.