Надворешната трговија на Косово забележа значителен пад како последица на блокадата на економските активности за време на пандемијата, така што во април годинава увозот на стоки во земјата беше за 34,4 отсто понизок споредено со истиот период од минатата година, објави Агенцијата за статистика на Косово.
Според извештај на Агенцијата за надворешната трговија во месец април годинава, кој го пренесе приштинската КТВ, во истиот период е забележан пад и на извозот на стоки од Косово, и тоа за 11,5 отсто во споредба со арил 2019 година.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во споменатиот период увезени се стоки во вредност од 193,9 милиони евра, а вредноста на извозот изнесува 32,6 милиони евра, што претставува пад на трговскиот дефицит за 37,6 отсто споредено со април минатата година. Вкупниот дефицит изнесува 161,2 милиона, односно увозот е покриен од извозот со 16,9 отсто. Трговскиот дефицит во април минатата година изнесувал 258,5 милиони евра.
Укинувањето на таксата од 100 отсто на увозот на српски стоки од 1 април годинава придонесе Србија да биде најголем извозник во Косово споредено со другите земји од ЦЕФТА. Стоките од Србија во вкупниот увоз во Косово учествуваат со 7,8 отсто, односно околу 15 милиони евра, следат Северна Македонија со 5,3 отсто и околу 10 милиони евра, и Албанија со 3,9 отсто, односно околу 7,5 милиони евра.
Од земјите на Европската унија, најголем удел во косовскиот увоз има Германија, со 29 милиони евра, додека од другите држави на врвот на извозници во Косово се Турција со 21 милион и Кина со 17 милиони евра.
Косовските производи биле присутни на пазарите на Албанија, каде што се извезени стоки во вредност од 11,2 милиона евра, Германија (2,9 милиони), Швајцарија (2,5 милиони), Северна Македонија (2,3 милиони евра), Велика Британија, Холандија, Србија, Црна Гора и неколку други земји.