Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави денеска дека вршителот на должноста премиер Албин Курти „се однесува како човек надвор од законот” и дека ја узурпирал премиерската канцеларија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во обраќањето пред новинарите во Дубрава, каде што учествуваше на чествувањето по повод годишнината од загинувањето на затворениците Албанци во војната од 1999 година, Тачи порача дека политичките актери во земјата треба да се фокусираат на целосното почитување на Уставот на Косово.
– За жал, имаме еден човек кој ја узурпира премиерската канцеларија и по две тешки уставни прекршувања и се однесува како човек надвор од законот на косовската политичка сцена. Како и да е, треба да бидеме трпеливи, треба да работиме јасно на тоа сите да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд која треба да биде донесена во наредните денови и да се избегне секој вид притисок врз судот, изјави Тачи.
Уставниот суд објави дека до 29 мај ќе донесе одлука во врска со барањето на владејачкото Движење Самоопределување на премиерот во оставка Курти за толкување на законитоста на одлуката на Тачи да му го додели мандатот за формирање нова влада на кандидатот за премиер од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти.
На 25 март, на иницијатива на ЛДК, Собранието на Косово му изгласа недоверба на кабинетот на Курти, по што претседателот на државата неколку пати побара од ВВ да именува кандидат за формирање нова влада.
Откако партијата на Курти не одогвори на неговите повици, Тачи, по консултации со другите парламентарни партии, на 30 април го додели мандатот на Хоти, како кандидат на второрангираната партија на изборите од октомври минатата година.
На 1 мај, ВВ го оспори пред Уставниот суд декретот на Тачи, тврдејќи дека нова влада, според нивното толкување на Уставот, може да се формира единствено по нови парламентарни избори, кои би се одржале откако ќе помине пандемијата на Ковид-19.
По добивањето на мандатот, Хоти и ЛДК објавија дека, во соработка со неколку опозициски партии, како и со оние на српската и другите немнозински етнички заедници, ја обезбедиле потребната поддршка од мнозинството пратеници во Собранието на Косово за формирање на новата влада.