На барање на норвешката страна, министерот за надворешни работи Никола Димитров денес разговараше со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде.
Димитров и’ се заблагодари на норвешката влада, којашто одобри помош во вредност од 3,2 милиони евра за итна реализација преку програмата на УНОПС за Северна Македонија, Србија и Црна Гора, за медицински материјали и препарати за справување со пандемијата. Од тие средства беа набавени респиратори со што беше зајакнат капацитетот на здравствениот систем во справувањето со Ковид-19.
Тој исто така упати благодарност и за Проектот наменет за изработка на систем за процесирање на класифицирани информации во Министерството за надворешни работи, што исто така е финансиран од Кралството Норвешка.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните состојби поврзани со здравствената криза, предизвиците и можностите за поддршка, ги споделија искуствата и праксите при справувањето со неа и уште еднаш беше истакната потребата од солидарност и соработка.
Воедно, Министрите изразија задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и соработка, а се осврнаа и на блиската соработка во мултилатералата.