Над 320.000 пензионери ќе ја добијат предвреме мајската пензија. Почнувајќи од утре, 27 мај, ќе почне етапната исплата на мајската пензија.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките, за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
– Во среда, на 27.05.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во четврток, на 28.05.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– Во петок, на 29.05.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– Во понеделник, на 01.06.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од среда 27 мај. Тие можат да ја подигнат мајската пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа.
Со етапната исплата на пензиите овозможуваме поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, да носат лична заштитна опрема којашто ги покрива устата и носот како и да држат растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките.