Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека ќе донесе регулативи поврзани со социјалните мрежи и веќе денес планира да потпише извршна наредба во врска со овие платформи.
Гневот на американскиот претседател е насочен пред се кон неговата омилена платформа „Твитер“, која неделава за прв пат, покрај твит на Трамп, објави предупредување дека е неопходно да се проверат фактите во неговите наведени изјави, кои според многумина не биле вистинити.
„Републиканците сметаат дека социјалните мрежи целосно ги задушуваат конзервативните гласови. Ние ќе донесеме силни регулативи или попрво ќе ги затвориме отколку да допуштиме такво нешто да се случува“, напиша Трамп на „Твитер“.
Доцна синоќа, секретарката за медиуми на Белата куќа, Кејли Мек Енејни објави дека Трамп ќе потпише извршна наредба во врска со социјалните медиуми, без да прецизира детално за што станува збор.
Синоќа, основачот на „Твитер“, Џек Дорси индиректно му одговори на претседателот, велејќи дека компанијата ќе продолжи да укажува на неточни или контроверзни информации за изборите воопшто.
„Ова нас нè прави арбитри на вистината“, напиша Дорси на „Твитер“.
„Клучно е да се даде поголема транспарентност од наша страна“, истакна тој.
„Твитер“ им порача на луѓето дека може да ги обезбеди линковите до нови вести кои честопати се во спротивност со оние што ги нуди Трамп. Тој неодамна изнесе теорија на заговор дека ТВ презентер, кој претходно бил пратеник, ја убил својата помошничка за време на неговиот мандат на парламентот.
Семејството на жената, која починала од природна смрт, побарала од „Твитер“ да ги отстрани објавите, но компанијата одбила.
Со години во републиканските кругови се создава јаз кон некои големи социјални мрежи кои ги обвинуваат дека промовираат либерални идеи и политики.