Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји денеска им порача на албанските политички партии да ја завршат изборната реформа, што е еден од условите за почеток на преговори со ЕУ. По телефонскиот разговор со лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, преку објава на Твитер, Вархеји ја поздрави одлуката на Баша за вклучување на опозицијата во Политичкиот совет за изборни реформи.
Исто така, тој оценува дека е од суштинско значење Албанија на патот кон ЕУ да ги заврши реформите без дополнително одложување.
– Разговарав денеска со Љуљзим Баша, поздравувајќи го продолжувањето на меѓупартиската работа за изборната реформа во Политичкиот совет. За Албанија и нејзиниот пат кон ЕУ е од суштинско значење оваа важна реформа да се заврши без натамошно одложување, согласно препораките на Советот на Европа од март, напиша Вархеји.
И шефот на мисијата на ОБСЕ во Албанија, Бернд Борхард, им честиташе на политичките партии за продолжување на дијалогот за изборните реформи и за договорите постигнати
досега во Политичкиот совет.
Преку соопштение, тој ги повика сите партии во Политичкиот совет за изборни реформи да продолжат на патот на изнаоѓање конструктивни компромиси и да ги финализираат
изборните реформи за доброто на Албанија и нејзините аспирации за интеграција.
Исто така Борхард додава дека ОДХИР ќе понуди поддршка со цел заокружување на реформите до 31 мај.