Стотици луѓе, меѓу кои има заразени со новиот коронавирус, избегаа од карантин во Зимбабве и Малави, а по нив се организирани потери, бидејќи властите стравуваат дека ќе го прошират вирусот во овие земји, чии здравствени системи се пред колапс.
Во Малави повеќе од 400 луѓе, кои неодамна се вратиле од Јужноафриканската Република и други места, избегале од карантинскиот центар поставен на стадионот во градот Блантаер, прескокнувајќи ја оградата додека полицијата и здравствените работници само ги набљудувале.
Полицајците и здравствените работници изјавиле пред новинарите дека не можеле да ги спречат бидејќи немале соодветна заштитна опрема.
Најмалку 46 лица, кои избегале, се позитивни на коронавирусот, а некои од нив им нуделе поткуп на полицајците.
Портпарол на полицијата во Зимбабве истакна дека е започната потрага по над 100 луѓе, кои морале да останат 21 ден во карантин, бидејќи претходно допатувале од странство. Тој нагласи дека тие се кријат во селата, додавајќи дека претставуваат сериозна опасност за општеството.
Зимбабве и Малави заедно имаат помалку од 200 потврдени случаи на зараза, но Јужноафриканската Република, во која граѓаните на овие две земји заминуваат во потрага по работа, има повеќе од 25.000 заболени со Ковид-19.