Американската поддршка на нашата земја продолжува со несмален интензитет и по влезот во НАТО. Утре околу 11.20 часот два авиони на американското воено воздухопловство придружувани од два воени авиони на Република Грција, ќе извршат прелет над територијата на Република Северна Македонија.
Прелетувањето ќе биде во чест на нашето членство во НАТО. Авионите ќе летаат долж реката Вардар, а ќе дојдат од правец на скопскиот аеродром.
“Нашите американски сојузници испраќаат силна порака дека нашите две земји одржуваат одлична соработка и дека по континуираната поддршка што ни ја даваа на патот кон НАТО, и по влезот во Алијансата остануваат и понатаму наш силен сојузник и стратешки партнер”, потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Американските авиони ќе полетаат денес од сојузната држава Јужна Дакота и ќе имаат 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух. Доколку временските услови го озвозможат тоа, заинтересираните граѓани ќе можат да го набљудуваат прелетот на американските авиони и авионите придружници од грчката воена авијација над Скопје. Авионите над нашата земја ќе летаат на височина од 1.500 метри и нивниот прелет ќе биде проследен со силен звук. Демонстрацијата на овој прелет ќе биде уште една потврда за срдечниот прием на Северна Македонија во НАТО и сигнал за продолжување на соработката.
Членството на Република Северна Македонија во НАТО започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при здравствената криза од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Како нова членка на НАТО, Република Северна Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО.