ВМРО-ДПМНЕ прави сериозна манипулација со бројките за смртност од коронавирусот и тоа е навистина загрижувачки. Не разбирам како може да се манипулира и политизира оваа бројка, но должен сум да ја споделам вистината. Не е точно дека смртноста од коронавирусот во земјава е највисока во регионот. Таа е исто така далеку под европскиот и светскиот просек, напиша министерот за здравство, Венко Филипче, на „Фејсбук“.
Дополнително, додава тој, кај нас за разлика од многу други земји, се зема постмортем брис на лицата кои починале со симптоматологија на болеста.
„Ова е одговорна стратегија затоа што на овој начин ги изолираме контактите на починатиот и превенираме понатамошно ширење на епидемијата. Ако од вкупната бројка на починати од ковид-19 се изземат позитивните резултати постмортем, стапката на смртност во земјата би била уште пониска“, вели Филипче.
Тој сподели и графикони на кои е прикажан процентот на смртност во регионот и во светот.
Тој апелира ВМРО-ДПМНЕ да престанат деструктивно да делуваат и да ја политизираат темата со коронавирусот.
„Здравствените власти транспарентно и навремено информираат од почеток на кризата. Сите информации кои ги објавуваме се точни, а статистиките се изработени согласно препораките на меѓународните здравствени институции“, пишува Филипче.