Рестораните, баровите, бистроата и кафулињата, по повеќе од два месеца поради епидемијата со Ковид-19, ќе можат повторно да се отворат почнувајќи од 2 јуни низ цела Франција, јави дописникот на МИА.
Таа одлука ја соопшти премиерот Едуар Филип.
-Излегувањето од изолацијата ќе ни овозможи да продолжиме со речиси нормален живот, рече Едуард Филип.
Во Париз и парискиот регион отворени ќе бидат само терасите на сите угостителски објекти, со оглед дека регионот е еден од најпогодените со вирусот.
Повторното отворање треба да се изврши во строги санитарни услови. Растојанието од еден метар треба да биде задолжително помеѓу клиентите. На една маса можат да седат најмногу 10 лица. Секоја маса мора да ја послужува ист член на персоналот, кој мора да ги мие рацете на секои 30 минути или да носи ракавици.
Угостителите ќе треба да фаворизираат мени во дигитален формат. Доколку треба да допрат хартија, клиентите ќе треба да ги дезинфицираат своите раце на крајот од нарачката.
Безбедносни растојанија, исто така, мора да се почитуваат во редиците за одење во тоалет