Во неколку земји забележавме како политичарите не ги почитуваат рестриктивните мерки воведени за да се намали ширењето на коронавирусот.
Случајот со главниот советник на британскиот премиер, кој во време на забрана за движење со семејството отпатува од Лондон во северна Англија, предизвика бурни реакции во британската јавност, а слични примери се забележани во уште неколку европски земји.
Па во анализа на „Еуроњуз“ се наметна прашањето: Дали за владеачката елита важат едни правила, а за обичниот свет други?
Освен гневните граѓани и претствници на опозицијата, оставка од британскиот советник Доминик Камингс побараа и 40-на пратеници од Конзервативната партија на Борис Џонсон, која деновиве бележи рекорден пад на популарност, но и неколку бискупи од Англиската црква.
Пред овој скандал во Британија, во Ирска се појавија фотографии од премиерот Лео Варадкар, на кои се гледа како за време на рестриктивните мерки тој со партнерот и пријателите уживаат на излет во еден парк, по што беше критикуван дека со тоа дава лош пример за граѓаните.
Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен беше принуден јавно да се извини поради тоа што со одењето во ресторан со неговата сопруга го прекршиле полицискиот час, а и премиерот Себастијан Курц мораше да упати извинување поради тоа што не носеше заштитна маска додека за време на посета на едно село во близина на границата со Германија, се најде во група луѓе.
Во Германија лидерот на либералната партија ФДР Кристијан Линднер е забележан како во ресторан се прегрнува со пријател, очигледно игнорирајќи ја опасноста од заразата, по што јавно ја призна грешката.
Во Полска на свеченост во знак на сеќевање на жртвите од авионската несреќа кај Смоленск, во која во 2010 година загина и тогашниот претседател Лех Качински, премиерот Матеус Моравјецки не носеше маска, што во јавноста беше окарактеризирано како кршење на едно од правилата воведени поради пандемијата.
Спротивен пример на прекршителите на правилата е холандскиот премиер Марк Руте, кој придржувајќи се на мерките за забрана на посетите на домовите за нега на стари лица, не ја постил својата мајка, која била на смртна постела, наведува „Еуроњуз“.