Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривична пријава – предмет оформен по допрен глас против едно лице за кривични дела- Несовесно работење во службата од член 353 став 4 во врска со став 2 и со став 1, како и Тешки дела против опшатата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик, во врска со смртта на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски во 2018 година на Кајмакчалан.
Имено, предметот по допрен глас беше оформен во врска со настанот случен на 10.02.2018 година на планината Ниџе, при искачување на врвот Кајмакчалан во Република Грција, при што починаа двајца македонски планинари. Обвинителството спроведе претходна постапка во која презеде голем број истражни дејствија – беа направени проверки и обезбедени писмени докази преку Министерството за внатрешни работи, по дипломатски пат од Република Грција беа прибавени обдукционите протоколи за двајцата починати планинари, како и пропратната документација која се однесува на настанот, а е изготвена од надлежни органи на Република Грција. Освен ова, од мобилните оператори беа обезбедени листинзи за мобилни телефони на двајцата починати планинари и беше изготвено вештачење на пронајдениот телефон на едниот планинар. Во однос на мобилниот телефон на другиот планинар, дополнително беше побарано и обезбедно известување од мобилниот оператор за локацијата на тој телефон, но одговорот беше негативен и тој телефон не е пронајден.
Исто така, беа обезбедени писмени докази од Федерацијата на планинарски спортови и од Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец”, а воедно беше обезбедена и друга писмена документација. Во обвинителството, во текот на претходната постапка, беа испитани претставник од Федерацијата на планинарски спортови, претставник на Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец”, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување, повеќе сведоци – учесници на планинарската тура, законските застапници на починатите планинари, како и сведоци предложени од законските застапници. Во својство на осомничен, беше испитан и претседателот на Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец”, кој воедно бил и еден од водичите на турата.
Од сите направени проверки во текот на претходната постапка, произлезе дека не постои основано сомнение дека лицето на кое обвинителството во текот на постапката му даде својство на осомничено лице направило какви било пропусти кои укажуваат на сторено кривично дело кое се гони по службена должност, односно беше утврдено дека од негова страна не се направени прекршувања на законски или подзаконски акти при организација и спроведување на планинарската тура и од кривично-правен аспект не може да се утврди дека смртта на планинарите е резултат на каков било негов пропуст.
Воедно, од кривично-правен аспект не се утврди дека некое друго лице направило пропуст за да дојде до смртен исход кај двајцата планинари, туку тие на критичниот ден ги загубиле животите како резултат на несреќен случај на двајца искусни планинари.
Во текот на постапката обвинителството утврди дека двајцата планинари на критичниот ден самоиницијативно се оддалечиле од групата и додека сите други учесници на турата почнале да се враќаат кон ски-центарот Ворас, тие започнале повторно да се искачуваат кон црквата на врвот на планината. Дел од групата планинари останале да ги почекаат да се вратат, па откако не се вратиле, околу 12 часот по локално грчко време, тргнале по нив за да ги бараат. Притоа ги довикувале, ги барале на мобилните телефони и по радиоврска која била кај еден од сега починатите, но не успеале да ги најдат, ниту да остварат контакт со нив.
Со оглед на тоа што не ги пронашле, другите планинари се симнале во ски центарот да проверат дали евентуално двајцата планинари се вратиле таму, но откако констатирале дека не се таму, веднаш пријавиле на одговорното лице во ски-центарот. Веднаш потоа во ски- центарот биле преземени мерки за пронаоѓање на двајцата планинари, при што била известена Специјалната единица за справување со катастрофи од Солун, Противпожарната служба од Едеса и Аридеа, службите за брза помош и полицијата.
Околу 13:30 часот по локално време започнува акцијата за пронаоѓање на двајцата планинари со два ратраци и друга опрема. Ратраците ги управуваат грчки спасувачи, а на едниот ратрак е водичот на групата, додека на другиот е друг македонски планинар. Во акцијата, околу 15:30 часот по локално грчко време се вклучиле и екипи од противпожарната служба и од специјалната единица за справување со катастрофи.
Истовремено, двајцата планинари постојано биле барани на мобилните телефони и по радио врска, па кога добиле повратна информација дека еден од планинарите по кој се трагало станал достапен на мобилниот телефон, продолжиле да ги бараат на тој телефон. По извесно време воспоставиле врска со едниот планинар кој почнал да објаснува каде се наоѓаат, но не можел точно да објасни, па на истиот телефон се јавил и другиот планинар за да ја објасни нивната локација. Нему му било кажано да свртат на бројот 112 и да вклучат ГПРС на мобилниот телефон. На тој начин биле лоцирани и спасувачките екипи започнале да им се приближуваат, но теренот бил непристапен, а временските услови биле лоши и доколку се продолжело со акцијата ќе биле доведени во опасност животите на спасувачите. Според наводите во писмената документација доставена од Република Грција, постоела и опасност од снежна лавина на теренот, па при вакви услови во 22 часот по локално време било одлучено од безбедносни причини акцијата да се одлижи за следниот ден на дневна светлина. Утредента акцијата продолжила, при што биле извлечени телата на двајцата планинари кои што починале од премрзнување.