Жива музика, играње на маса, гушкање. Ова, меѓу другото, го затекнале пазарните инспектори синоќа, додека вршеле контроли во угостителските објекти кои од вчера почнаа со работа.
Инспекторите, како што соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, биле навредувани не само од страна на сопственици на локалите, туки и од гостите. „Едуцирајте не и напуштете го локалот”, така им се обраќале.
Пауновски најави дека од денеска инспекторите, освен што ќе се обидат едукативно да им помогнат на угостителите околу протоколите, ќе почнат да изрекуваат и казнени мерки. Контролите ќе бидат засилени и ќе се спроведуваат и во ноќните часови и за време на викендот.
– Не велам сите, но кај поголем број од угостителите при синоќешните контроли е утврдено дека воопшто не ги почитуваат протоколите. Морам да искажам огромно разочарување од нивното однесување, но и од однесувањето на оние што ги посетуваат. Наидувавме на понижување, „едуцирајте не и напуштете го локалот” велеа, што е крајно неодговорно и ниско, и од гостите и од сопствениците на објектите. Совеста и свеста на граѓаните, посебно на угостителите, затаи. Од денеска, онаму каде што ќе констатираме нарушување на протокклите, ќе бидеме приморани да изрекуваме казнени мерки, нагласи Пауноски.
Тој уште еднаш апелира пртоколите да се почтиуваат.
– Апелирам и дека голем дел од точките се применливи, се работи за здрвјето на граѓаните. Наместо да се намалува бројот на заболени, единствено кај нас има зголемување. Затоа, апел до сите угосители, инспекторите се на терен, ќе бидат и викендов и навечер. За секое нарушување ќе постапуваат и со казнени мерки. Од нас сите зависи дали со мерките ќе излеземе од корона-состојбата или сами ќе бараме повторно, за жал, да се воведат поригорозни мерки, потенцира директорот на Инспекторатот.
Одговорајќи на новинарско прашање, Пауноски рече дека Инспекторатот ниту ги донел протоколите, ниту учествувал во нивното носење.
– За жал, во носењето учествуваа трите синдикати на угостителите. Наша надлежност е да ги надгледуваме, дали ги применуваат мерките. Немаме обврска, ниту задолжение да вршиме легитимирање на оние што ќе ги посетуваат угостителските објекти. Предмет на наша контрола се објектите, односно сопствениците. Оние што ги отвораат локалите треба да ги менаџираат протоколите, никој друг нема право да се меша во тоа, во работењето на угостителксиот објект, потенцира Пауноски.