Деновиве продолжува порастот на нови случаи на КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 62 нови случаја, но и двајца починати. По олабавување на мерките, укинувањето на полицискиот час и постепеното отворање на економијата, надлежните апелират граѓаните да ги почитуваат мерките на заштита како одржување дистанца од два метра, носење заштитна прекривка на устата и носот и негрупирање. Без почитување на овие мерки, велат надлежните, вирусот ќе продолжи да се шири и натаму.
Тие најавија дека доколку не се почитуваат мерките за заштита, може повторно да бидат воведени рестриктивни мерки за одредени општини и подрачја.
Рестриктивните мерки за одредени подрачја ќе зависат најмногу од граѓаните, од почитувањето на мерките, рече вчера премиерот Оливер Спасовски и ги повика граѓаните доследно да ги почитуваат мерките.
-Ние најавивме пред неколку дена дека ригорозни мерки или рестриктивни се можни за одредени подрачја каде што има зголемен број на инфицирани граѓани. Тоа ќе зависи најмногу од граѓаните од почитувањето на мерките, оние кои што се во изолација заради тоа што се директни контакти од некој којшто е позитивен на КОВИД-19, треба да останат таму и да ги почитуваат сите тие мерки. Колку повеќе ќе ги почитуваме мерките толку ќе имаме намалување на рестрикциите, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за воведување ригорозни мерки за некои подрачја каде има поголем број заболени лица.
Спасовски рече дека државата, институциите, здравствениот систем, Комисијата за заразни болести направиле се во изминатиот период, донесени се одлуки, направени се протоколи како треба да се однесуваат граѓаните.
– Секој ден говориме што значи одговорност за сопственото здравје, што значи одговорност за околината во која живеееме. Најмалку што можат да направат граѓаните е да ги почитуваат тие мерки, вели Спасовски.
Доколку граѓаните ги почитуваат мерките, како држење социјална дистанца, носење заштитина опрема, нагласува Спасовски, нема опасност од пренос на инфекцијата и загрозувањето на здравјето и животот.
На почитување на мерките, повика и министерот за здравство Венко Филипче.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2226, бројката на оздравени пациенти е 1552, на починати е 133, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 541.