Бразил регистрира 16.409 нови случаи на инфекција со коронавирус, со што вкупниот број се искачи на 514.849, што е втора најлоша епидемија на Ковид-19 во светот, по Соединетите Држави, соопшти бразилското Министерство за здравство.
Во соопштението се вели дека во Бразил се регистрирани 480 нови смртни случаи во последните 24 часа, што е вкупно 29.314 смртни случаи. Така, Бразил е четврта земја во однос на бројот на починати, по Соединетите Држави, Велика Британија и Италија.
Соединетите Држави му испратија на Бразил два милиони дози хидроксихлорокин за лекување на заболени од Ковид-19, соопшти Белата куќа, иако ефикасноста на лекот е сомнителна и студиите сугерираат можна штета.
„Американскиот и бразилскиот народ се солидарни во борбата против коронавирусот. Денес, како доказ за таа солидарност, известуваме дека американската влада испрати два милиони дози хидроксихлорокин за бразилскиот народ”, се вели во соопштението на Белата куќа.
Хидроксихлорокинот ќе се користи превентивно за да се заштити медицинскиот персонал од вирусот и во третманот на заразените Бразилци, се додава во соопштението.