Јавниот обвинител на САД Вилијам Бар нареди полицијата да ги оддалечи демонстрантите кои се собраа околу Белата куќа непосредно пред телевизиското обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп од паркот на претседателската резиденција, јави Си-Ен-Ен.
Како што пренесуваат странските агенции, поради палење оган и деструктивно однесување на демонстрантите околу плоштадот Лафајет, зелената површина на северниот влез во Белата куќа, државниот обвинител и високи функционери на безбедносните служби задолжени за обезбедување на претседателската резиденција и претходно планираа да го испразнат и обезбедат поширокиот појас околу претседателскиот комплекс, но тој план до сега не е спроведен.
За наредбата на јавниот обвинител прво јави „Вашингтон пост”, наведувајќи дека Вилијам Бар бил информиран од полицијата дека се сомневаат дека демонстрантите носат камења и планираат да ја нападнат полицијата.
Во 18.30 по локално време, полицијата, по наредба на јавниот обвинител на САД, упати предупредување до демонстрантите да се оддалечат и тоа го повторуваше трипати на секои десет минути.
Потоа, полициски кордон во заштитна опрема и со штитови почна да ги потиснува и повремено да ги тепа незадоволните демонстранти со палки, пренесува Си-Ен-Ен.