Грижата за нашето психичко здравство е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје. Универзитетската клиника за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот. Отворени се повеќе телефонски линии за психолошка поддршка, а во наредниот период ќе се организираат и повеќе активности и превенција за менталното здравје, соопшти Министерството за здравство.
Од Клиниката информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија „Societa Italiana di Psichiatria Sociale” (веб psichiatriasociale.org), а истражувањето се спроведува во повеќе европски земји. Координатор за државава е токму Клиниката за психијатрија.
Оваа студија се спроведува со цел проценка на влијанието на пандемијата со Ковид-19, воведениот карантин врз менталното здравје кај нашето население и да се развијат соодветни здравствени интервенции. Истражувањето е доброволно, анонимно и информациите ќе бидат третирани како доверливи и во согласност со постоечките закони, стои во соопштението
Линк до истражувањето „КОВИД-19 и ментално здравје”: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSd4AnzbOPFUz5oCh5c4ofXcFFKr_5wm8MMa77_x69fqH1bINA/viewform.
Да ги почитуваме препораките за заштита од коронавирусот и да се грижиме за нашето ментално здравје, посочуваат од Министерството за здравство.