Врз основа на Протоколот за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, од Министерството за образование и наука и Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд од Велика Британија – Сити колеџ, лоциран во Солун, распишан е Конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски” за студии од втор циклус за Извршната програма за бизнис-администрација, МБА, на Универзитетот Шефилд за академската 2020/2021.
Конкурсот е отворен до 15 јули 2020 и е за упис на 20 студенти за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус во рамки на МБА-програмата, насоки за: Општ менаџмент; Маркетинг; Финансии; Менаџмент во логистика; Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.
Може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис-менаџери вработени во компании од приватниот и јавниот сектор.
Средствата за уписнина во еднакви делови ги обезбедуваат Владата на Република Северна Македонија – Министерство за образование и наука (во износ од 50 отсто) и Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ (во износ од 50 отсто).
Извршната МБА-програма е предвидено да се реализира за време на викенди во Солун. Студентите не треба да живеат во Грција, туку ќе треба да престојуваат во Солун само за време на овие викенди. Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот.
На веб-страницата на Министерството за образование и наука се наведени условите кои кандидатите треба да ги исполнуваат за да се пријават, критериумите за избор, пријавата, формуларот за аплицирање, потребните документи и адресата на која треба да се пратат.
Кандидатите ќе ги избира заедничка Комисија составена од по еден претставник на потписниците на Протоколот, во согласност со критериумите на Универзитетот Шефилд и законските прописи на Република Северна Македонија.