Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери кои, најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата.
Оваа одлука на локалните и регионалните телевизии следи откако Владата на РСМ на 30 мај, 2020 година, донесе уредба со законска сила според која средства од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 се пренаменуваат за поддршка на одредени медиуми. Со оваа уредба на петте национални телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат – М), како и на останати шест регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, Владата ќе им покрие годишен трошок кон операторот А1 во висина од над половина милион евра.
Ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми. Загрижува тоа што владата не ги земала предвид регионалните и локални медиуми кои според сите податоци и кај нас, и во светот, најмногу од сите други медиуми се соочуваат со економски проблеми. Потсетуваме дека информациите од локалните заедници се од големо значење за информирање на граѓаните, особено во овој период на криза.