Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Главен координатор на Кризните штабови за одбрана од Ковид-19, оствари посета на Штип, во рамките на која се сретна со претставници на локалниот кризен штаб на чело со градоначалникот Благој Бочварски.
„Денеска имавме одличен и продуктивен состанок – оформена е директна комуникација меѓу локалната самоуправа, здравствените власти, претставниците на бизнисот и претставниците на вработените. Се донесе заклучок за поставување на т.н. ковид-координатори во компаниите, но и во државните институции, кои ќе имаат директни овластувања да го следат спроведувањето на мерките и препораките во рамките на организациите и институциите, како и да овозможат нивна полесна меѓусебна комуникација“, посочи Османи.
Тој нагласи дека кај сите постои и сериозност и волја за надминување на проблемот, поради што верува дека набргу ќе создадат услови за безбедно одвивање на работните процеси.
Според вицепремиерот, благодарение на брзата реакција на локалната самоуправа и на централните институции, патеката на вирусот во Штип е оформена и предвидлива.
„Токму брзиот раст во овој втор бран на епидемијата покажува дека нема игра со коронавирусот и ако навистина сакаме да обезбедиме услови за работа и на фабриките, но и на останатите економски субјекти, едноставно треба сите да сфатат дека мора да се почитуваат мерките и препораките за физичко растојание, за самозаштита, за носење маски и секако одржување на личната хигиена и навремена дезинфекција“, истакна Османи, предупредувајќи на лажните вести и пропагандата кои, како што рече, имаат за цел да ја манипулираат јавноста преку сомнежи за постоењето на вирусот.