Откако носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 5, Игор Дурловски вчера објави дека му се заканувал поранешниот советник во владата на Зоран Заев, Филип Андонов- Сокол, а тој демантираше, пријавата е во денешниот билтен на МВР.
-На 02.06.2020 во 12.50 часот во СВР Скопје, И.Д.(43) од Скопје пријавил дека околу 11.15 часот на семафорите на крстосницата од ул.„11 Октомври“ и ул.„Филип Втори Македонски“, додека бил во неговото возило, возач на друго возило преку отворен прозорец му упатил навредливи зборови. Според пријавеното, откако се запалило зеленото светло пријавителот тргнал со возилото, по што другото возило го одминало и возело пред него, каде на крстосницата од ул.„Димитрие Чуповски“ со ул.„Васил Главинов“ повторно застанале на семафорите. Потоа, според пријавата, на крстосницата на бул.„Партизански одреди“ со бул.„ВМРО“, откако се вклучило зелено светло, возилото се обидело да го удри возилото на пријавителот и го напуштило местото на настанот. Се работи на расчистување на случајот.